На програмата се музички композиции на германскиот композитор од доцниот барок, Георг Филип Телеман (1681-1767). Тој се смета за еден од најплодните композитори во историјата, а според неговите современици е еден од водечките германски композитори. Споредуван е со неговиот пријател Јохан Себастијан Бах. Неговата музика вклучува неколку национални стилови (француски, италијански, германски), а понекогаш е под влијание на полската популарна музика. Неговите дела се важна врска меѓу доцните барокни и раните класични стилови. На концертот ќе бидат исполнети „Четири сонати за соло виолина“.
Наташа Диденко е родена во 1988 година во Скопје. Основното и средното музичко образование ги завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2010 година ги завршила студиите на Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Ганка Самоилова. Во 2011 година ги завршила постдипломските студии на истиот факултет, а во 2017 година докторските студии на Институтот за национална историја во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и се стекнала со звање доктор по хуманистички науки – културна историја. Како резултат на нејзината научноистражувачка работа има објавено монографија, статии и учествувала на повеќе домашни и меѓународни научни собири и конференции.
Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Има одржано концерти во Берлин, Бремен, Париз, Марсел, Сете и низ повеќе градови во Македонија.
Наташа Диденко е професор по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје. Нејзини ученици се добитници на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари.