„Лулка“: Да ги поддржиме родителите за да го овозможиме доењето

138

Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулка“ во Светската недела на доењето, која се одбележува секоја година од 1 до 7 август, повикува на поддршка кон глобалната цел – промоција, заштита и поддршка на доењето како биолошка норма, најдобар можен начин за хранење на бебето, важен предуслов за правилен раст и развој на секое новороденче и за лесно и квалитетно поврзување на родителите со своето бебе.

Слоганот на Светската недела на доењето 2019 гласи „Да ги поддржиме родителите за да го овозможиме доењето“. „Лулка“ нагласува дека нивните активности во текот на неделата на доењето и во текот на месец август е да се обединат сите фактори во општеството, за обезбедување на услови за навремено започнување на доењето и за негово одржување во првите 2 години од животот. Доењето е процес кој во рамки на семејството овозможува навремено и квалитетно поврзување на родителите со бебето и задоволување на неговите потреби за правилен раст и развој, во моментите кога тоа е особено важно.

– Во текот на кампањата ќе бидат објавени голем број материјали и ресурси за поддршка на доењето, студии, резултатите од анализата на ставовите на мајките и на експертите која ја изработи меѓународната организација EFCNI. Како дел од активностите за Светската недела на доењето, на 21.08.2019 година ќе биде одржана и работилницата Научете како да го доите Вашето бебе, за трудници во третото тромесечие од бременоста, за мајките кои се породени како и за родителите на предвреме родено бебе кои сакаат да ја одржат лактацијата и да го дојат своето новородено по испис од болница – информираат од организацијата Лулка.

Во следниот период е планирано и одржување на обуки за доење за здравствените работници кои работат со трудници, новородени и доенчиња, со цел пренесување на важни информации за современата поддршка на доењето, што претставува важен предуслов за зголемување на доењето во државата и здрав почеток во животот на секое бебе.

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС ќе биде вклучено во активностите за  промоцијата и поддршка на доењето, пред се преку информирање на здравствените професионалци за значењето и бенефитите од доењето и за современите начини на поддршка на доењето.

– Поддршката на родителите во процесот на доење е особено важна за совладување на техниката на доење од страна на мајката. Со стекнување на неопходните вештини за современа поддршка на доењето, здравствените работници ќе можат да и помогнат на мајката, да ја охрабрат и да и го олеснат процесот на доење. Оваа поддршка на мајката и бебето треба да започне веднаш по породувањето, во неонатолошките одделенија, а да продолжи во домашни услови, преку делувањето на патронажните сестри – изјавуваат од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС.

Доењето е природен процес кој сосема спонтано започнува во првиот час по раѓањето, доколку биде обезбедена соодветна поддршка и ран прв контакт на мајката со нејзиното бебе. Од особена важност за овој процес е НЕразделувањето на мајката и бебето по породувањето и раниот контакт кожа-на-кожа, за што пишуваат сите истакнати здравствени организации како УНИЦЕФ, СЗО, Американската академија за педијатрија и други. Овој исклучителен момент има докажан позитивен ефект врз сите параметри поврзани со доењето – иницијално започнување на доењето, соодветна лактација, ексклузивно доење до 6 месеци и вкупно времетраење на доењето.

Важно е промовирање и одржување на ексклузивноста на доењето, без воведување на други течности и храна од раѓањето до 6 месечна возраст, како фактор кој обезбедува соодветна лактација кај мајката и одржливост на доењето до двегодишна возраст и повеќе.

„Доењето има докажан бенефит и за бебето и за мајката, кој вклучува: кај бебето намален број на инфекции во првата година, помала веројатност за појавување на дебелина и кардио-васкуларни болести во понатамошниот живот, подобра поврзаност со мајката и прифаќање; кај мајката намалување на веројатноста за појава на карцином на дојка и карцином на јајници, помала веројатност за појава на дијабет тип 2, хипертензија и сл.

Секако, како понов и голем предизвик, останува и раното започнување на исхрана со мајчино млеко и доење на предвремено родените бебиња, кое има огромен бенефит, како за малите и кревки предвремено родени бебиња, така и за семејството кое се бори со најразличните предизвици, во периодот на лекување на бебето на одделите за неонатална интензивна нега и по доаѓањето на бебето дома“, велат од „Лулка“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...