Министерството за труд и социјална политика доби благодарница по повод 25 години постоење на Управата за јавни приходи за успешна соработка во изминатите три години. Благодарницата на министерката Мила Царовска и ја врачи директорката на УЈП Сања Лукаревска на синоќешното одбележување на Денот на даночниците во Филхармонија.
– Голема благодарност до вработените во УЈП за посветената соработка во спроведувањето на социјалната реформа и мерките за раст на плати меѓу кои и последното субвенционирање на придонеси за раст на плати коешто почна да се имплементира од неодамна – рече Царовска.
Благодарници и плакети добија и најуспешните вработени во Управата за јавни приходи и Меѓународниот монетарен фонд.
Прославата беше збогатена со настап на Филхармонијата со популарна филмска музика под диригентската палка на маестро Емин Џијан.