Експертите на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) се уште не стигнале во градот Дума, каде, како што се тврди, бил извршен напад со боеви отровни супстанци, соопшти денеска на Твитер претставникот на Велика Британија во ОПЦВ, Питер Вилсон.
– Русија и Сирија уште не дозволија пристап до Дума. Непречениот пристап е исклучително важен. Русија и Сирија треба да соработуваат – напиша Вилсон.
Британскиот претставник во ОПЦВ предупреди дека ако „не одговараат организаторите на нападот, тоа само ќе го зголеми ризикот од користење на хемиско оружје во Сирија и надвор од нејзината територија“.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека експертскиот тим на ОПЦВ не може да отиде во местото каде што се случил наводниот хемиски напад, без соодветна дозвола од ОН.
Тој изјави дека мисијата не добила одобрение од Советот за безбедност на ОН и затоа на експертскиот тим не му е дадена дозвола да отиде во градот Дума.
Вилсон, од своја страна, го отфрли ваквото образложение на Рјабков, нагласувајќи дека ОН „им дале зелено светло“ на инспекторите од ОПЦВ да отидат во Дума, но дека тие не успеале да стигнат до градот затоа што сириската Влада и Русија не дале гаранции за нивната безбедност.