Британскиот министер за здравство Мет Хенкок денеска оцени дека бројот на случаи на новиот коронавирус веројатно ќе биде многу поголем од досега потврдените.
– Сите жртви досега беа од континентална Кина. Меѓутоа, ова е ситуација која брзо се развива и бројот на смртни случаи и на заболени веројатно ќе биде поголем од досега потврдените, истакна Хенкок во британскиот Парламент.
Тој потсети дека засега мал број заболени има во други држави, меѓу кои и Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и САД.
– Засега нема потврдени случаи од оваа нова инфекција во Велика Британија, истакна Хенкок.
Кина денеска затвори два града, кои се епицентар на новата епидемија на коронавирус, од кој починаа 17 луѓе, а заразени се близу 600. Затворањето на градовите значи и запирање на јавниот транспорт, вклучувајќи железници и аеродроми.