Граѓаните на Скопје, заедно со продавачите на „Лице в лице“, во друштво на јавни личности, пријатели и поддржувачи, вчеравечер, му покажаа црвен картон на булингот, кој е носечка тема и на 31. издание на македонското улично списание.
Симболичните црвени картони укажуваа на фактот дека е неопходна заедничка битка на различни засегнати страни со цел справување со овој социјален феномен, кој во голема мера го менува секојдневието на младите, а многу често, остава и сериозни последици по нивното психолошко здравје.
Настанот, кој се одржа под мотото „Препознај, реагирај. Црвен картон за булингот“, Платформата „Лице в лице“ го организираше во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“и со Иницијативата против булинг на група родители.
Интенцијата е, заеднички, со цел да биде и повидливо – да се отвори прашањето за овој општествен проблем, за кој во јавноста тивко се зборува, а во училиштата, пак, недоволно се препознава.
Споделените искуства од Иницијативата на родители, институционалниот одговор на нив, отсуството на податоци во земјава во однос на меѓуврсничкото насилство, непрепознавањето на феноменот и последиците врз психолошкото здравје на децата и младинците врз кои што е вршен булинг беа повеќе од доволна причина најновиот број на „Лице в лице“ да биде посветен токму на оваа тема.
– Овој број на „Лице в лице” го посветуваме на храбрите деца и младинци што поминале или поминуваат низ булинг, на родителите кои одлучуваат да зборуваат за да не се повторат несфатливо радикалните последици од овој речиси невидлив проблем. На нивно барање, ова издание во фокус го има меѓуврсничкото насилство и остануваме заедно со нив и во секој следен број како совест што ќе бранува и ќе потсетува дека решението треба да го бараме и на институционално ниво, и кај наставниците, и кај родителите и во опкружувањето. И дека во настанати ситуации на булинг, подеднакво внимание и третман треба да се посветува и на жртвата и на оној што го врши булингот зашто акцијата е реакција на друг процес кој што треба да биде предмет на интерес на надлежните – нагласи Климентина Илијевски, извршен директор и главен и одговорен уредник на „Лице в лице“.
Од Првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“, потенцираат дека состојбата со врсничкото насилство е повеќе од алармантна.
– Голем е процентот на деца кои се жртви на булинг, а прв чекор во борба против врсничкото насилство е да не затвараме очи пред него, тоа е присутно во сите средини, се јавува во различни форми и треба да го препознаваме и соодветно да реагираме. Во борбата потребни се здружени сили и соработка помеѓу сите инволвирани страни, а пред се соработка и отвореност во комуникацијата со децата и младите за да не се срамат да укажат ако се жртви и воедно да се охрабрат да реагираат доколку се сведоци на насилство – вели Ана Битољану, мировна работничка во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Од Иницијативата против булинг на група родители, пак, велат дека аламирањето постои, но, често институциите остануваат со игнорирачки однос кон ова прашање.
– Некогаш е незнаење, некогаш непрепознавање, но, системот не смее да потфрла на вакви важни прашања кои се однесуваат на нашите деца. Одговорните мора да престанат да си ја префрлаат топката од еден на друг, и на крајот да нема никаво решение.
Апелираме да се разговара, и да ги воспитуваме децата уште од мали да ги почитуваат и тие што не се слични на нив, послабите, поинаквите. Загубени се детски животи на овие простори како резултат на меѓуврсничко насилство. Да застанеме решително во оваа борба сите заедно, сплотени како едно. Само така ќе успееме да им помогнеме на нашите деца, на нашата иднина – велат од Иницијативата против булинг.
Во пренесувањето на важните пораки за булингот, на вчерашниот настан на плоштадот „Македонија“, голема и значајна поддршка дадоа и пријателите и поддржувачи на Платформата „Лице в лице“ – бендот „Љубојна“, како и водителската четворка од Утринска на Телма, Цеце, Елена, Марко и Гоце.
Оваа активност беше дел и од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 19 до 23 јуни, 2018 година, низ Република Македонија.