Пјер Астие, литературен агент и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ (Astier-Pecher) од Париз ќе дојде за 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“ кој ќе се одржува од 19 до 22 мај на неколку локации во Скопје.
Тој ќе гостува во рамките на програмата „Скопје фелоушип“. Значаен е за нашата литература зашто го застапуваше Гоце Смилевски за пробивање на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во светот. Книгата тој ѝ ја продаде на издавачката куќа „Пингвин“, која ги има авторските права за англиски јазик, но и во дваесетина други земји.
Заедно со Лор Пеше во 2006 година Астие ја основал меѓународната агенција „Астие-Пеше“. Добитник е на Наградата за исклучителност што ја доделува Лондонскиот саем на книгата (LBF Excellence Award) за 2019 година за најдобар интернационален агент. Ова признание важи за највисоко во светот на литературните агенции.
Во изјава за македонските медиуми Астие вели дека од самиот почеток на агенцијата, иако морало да ја ограничат нивната активност и да ги претставуваат само француските автори, биле убедени дека во т.н. мали европски јазици се напишани брилијантни приказни и постојат одлични автори.
– Агенцијата стана целосно интернационална со македонскиот автор Гоце Смилевски и турската авторка Асли Ердоган во 2008 година. Огромниот успех на двајцата автори ни го отвори патот кон нов развој. Денеска, со седиште во Париз, на распаќето на различни влијанија (источни, јужни, северни), имајќи ја можноста да работиме со различни читатели и преведувачи на ИНАЛКО (Училиште за мали јазици), агенцијата е целосно меѓународна, изјави Астие.
Ќе учествуваат и еминентни писатели од регионот за седмото издание на фестивалот кој овозможува средба на авторите и издавачите. Фестивалот „Про-За Балкан“ наскоро ќе го објави и името на годинашниот лауреат, а целосната програма ќе ја соопшти веднаш по Саемот на книгата.