Листа на богаташи на „Сандеј тајмс“: Џејми Оливер испадна, Бонд за првпат меѓу најбогатите

Годинава рекорден број на жени успеаја да се најдат на листата на 1.000 најбогати луѓе во Британија, вкупно 141 жена.

1049

Деведесет и четири отсто од најбогатите луѓе во Британија сами ги спечалиле своите милијарди или милиони, покажа годишната листа на „Сандеј тајмс“ на 1.000 најбогати луѓе на островот.

На врвот на листата е „срамежливиот“ британски претприемач Џим Ретклиф со богатство од 21 милијарда фунти, кој лани беше 18-ти на листата со 15,3 милијарди фунти. 65-годишниот Ретклиф, кој многу ретко се појавува во медиумите, важи за хемиски могул и е извршен директор на хемиската компанија „Инеос“ што ја основа во 1998 година. Неговата компанија продава повеќе од 60 милиони тони хемикалии годишно, што се користат во разни индустрии, како на пример во индустријата за производство на автомобили. Компанијата брои повеќе од 18.500 вработени.

Интересно е што на годинашната листа на најбогати Британци не се најде популарниот кулинар Џејми Оливер. Џејми е изоставен на листата за првпат од 2010 година, а како резултат на проблемите на неговиот синџир на ресторани. Неговата империја на италијански ресторани насобрала долгови од 71,5 милиони фунти, неколку ресторани се затворени, а на вработените им должел 2,2 милиони фунти.

Од друга страна пак, на листата на „Сандеј тајмс“ за првпат се најде холивудскиот актер Даниел Крег, каде што се наведува дека со сопругата Рејчел Вајс заедно имаат 125 милиони фунти. Со тоа Крег стана најбогатиот Џејмс Бонд откако постои франшизата за познатиот агент 007. Крег и Вајс се на 912. место на севкупната листа. Актерот се вброи и меѓу топ пет најплатени актери во светот на филмот, наводно потпишувајќи договор од 25 милиони долари за улогата во 25-тото продолжение на „Бонд“.

Годинава рекорден број на жени успеаја да се најдат на листата на 1.000 најбогати луѓе во Британија, вкупно 141 жена. Најбогата жена во земјата е Шарлин де Карваљо-Хајнекен, 63-годишна бизнисменката која е ангажирана во семејниот бизнис со пивото „Хајнекен“. На листата таа е заедно со својот сопруг, 73-годишниот банкар Мајкл, со богатство од 11,1 милијарда долари. Нејзиниот подем до титулата најбогата жена на листата на „Сандеј тајмс“ делумно се препишува на успешното лансирање на ново пиво без алкохол.

Меѓу музичарите кои напредувале на листата се Ед Ширан, Рита Ора и Келвин Харис. Сепак, на врвот е музичкиот ветеран Пол Макартни, со богатство од 820 милиони фунти. Ед Ширан има 80 милиони фунти, додека Рита Ора се придружи на листата на најбогати млади музичари со богатство од 16 милиони фунти. Меѓу пејачите помлади од 30 години, прва е Адел (140 милиони фунти).

ФОТО: Инстаграм

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...