Компанијата Лимак ДОО во петокот експресно ги закрпи дупките на улицата Јордан Мијалков, кои беа оставени со недели откако се затвори ископот за гас за потребите на новиот комплекс „Дајмонд“ што се гради во непосредна близина, односно долж Јужен булевар.
Иако сите дупки се асфалтирани, еден дел од улицата сѐ уште не е покриен со асфалт.
Плусинфо пишуваше дека улицата Јордан Мијалков со недели беше раскопана и со дупки, поради што го отежнуваше сообраќајот и движењето на пешаците. Од Лимак ДОО ветија дека улицата ќе биде вратена во затекнатата состојба кога ќе има погодни временски услови, односно местото да биде суво, за да може да се работи.
Улицата беше раскопана на барање на инвеститорот, градежната компанија Лимак ДОО – Скопје, заради дислокација на дел од дистрибутивната мрежа на топлина.