Првата ликовна колонија со наслов „Културен мост“ на која ќе учествуваат ликовни уметници од Грција и од Македонија ќе се одржи од 30 јуни до 5. јули во Струга.
Целта на колонијата е развивање и продлабочување на културната соработка и пријателство меѓу Македонија и Грција. Проектот вклучува и заедничка изложба на учесниците на колонијата, која ќе биде отворена на 6-ти јули 2018 година, во објектот Чифте Амам, при Националната галерија на Македонија во Скопје.
Иницијативата за ликовната колонија „Културен мост“ е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје, додека во работата на колонијата се вклучени грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Кавата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис, како и уметниците од Македонија: Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска и млади сликари од Струга. Паралелно со работата на колонијата, уметниците ќе имаат можност да ги посетат Калишта, Радожда, Вевчани, Охрид и кањонот Матка.
Со проектот „Културен мост“ Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје дава свој придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција.
Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Проектот се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија во Скопје и Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Медиумски покровител е порталот Плусинфо, додека со спонзорство учествува винаријата „Тиквеш“.