Националната опера и балет вечер од 20 часот повторно ќе ја изведе балетската претстава „Либертанго“ од Астор Пјацола, која раскажува за создавањето и патот на тангото.
– Уличен танц што го достигнува врвот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… Приказна поврзана со историјата на семејството Пјацола и уметничкиот раст на Астор Пјацола со кој се искачи на пиедесталот на светската танцова сцена – соопшти НОБ.
Режисер и либретист е Наташа Поплавска, кореограф Сабрина Боско од Италија, а сценограф и костимограф Александар Ношпал.
Настапуваат Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Марија Кичевска-Шокаровска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска-Ристовска, Мирослав Митрашиновиќ, Јан Кисилев, Ендру Кук, Марко Здравковски, Драган Кочоски, солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.