Влијателниот француски дневен весник „Ле Монд“ во текст посветен на присуството на рускиот претседател Владимир Путин на свадба на австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, на 18 август, цитира европски дипломат кој тврди дека Русија работи на размена на територии со Косово.
Според дипломатот, Кремљ е „многу активен“ околу „експлозивниот“ план на размена на територии со Косово.
– Мариа Захарова, портапролката на руската дипломатија, беше неодамна во Белград. Таа јавно го поддржа српскиот сојузник во рамките на овој процес. Русија има интерес оваа размена да се конкретизира бидејќи се надева дека дополнително ќе ги подели Европејците и смета дека таква промена на граници ќе и служи во аргументацијата за Крим пред Западот, истакнува неименуваниот европски дипломат за „Ле Монд“.
Понатаму, весникот додава дека Захарова „може да смета на помошта на Виена, влијателна на Балканот“.
„Ле Монд“ оценува дека со враќањето на власт на партијата ФПО (екстремна десница, коалициска партија), која ја номинираше Кнајсл како министерката, позициите кон Балканот станале „двосмислени“ и покрај признавањето на независноста на Косово затоа што лидерот на ФПО и австриски вице канцелар, Хајнз Кристијан Штрахе, изјави дека Косово и натаму е дел од Србија и ја поддржа независност за Република Српска.
Путин е поканет на свадбата на Кнајсл в сабота и се очекува да присуствува пред да замине на средба со канцеларката Ангела Меркел во Германија, пишува францускиот весник.
Повеќе истражувања покажаа дека Владата на Путин одржува врски со неколку партии од екстремната десница во Европа.
– Овој пат ќе може да забележиме дека Путин има и лични врски со некои од членовите, наведува „Ле Монд“.