Русија го попречува пристапот на меѓународните инспектори за хемиско оружје до „местото на нападот со хемиско оружје“ во сирискиот град Дума, обвини денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан.
Експертите од Органзиацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) минатата недела пристигнаа во Дамаск, со цел да го испитаат местото во градот Дума каде се тврди дека бил извршен хемиски напад при кој загинале најмалку 40 лица, што беше и повод САД, Франција и Велика Британија во саботата да извршат ракетни напади врз Сирија.
– Во овој момент инспекторите од ОПЦВ и натаму немаат пристап до местото на нападот со гас во Дума – тврди Ле Дријан во писмено соопштение.
Тој смета дека „целта на опструкциите веројатно е да се обезбеди исчезнување на доказите од нападот“.
Ле Дријан нагласи дека инспекторите на ОПЦВ мора да имаат целосен, итен и непречен пристап до местото на нападот.
Портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт претходно изјави дека САД имаат „веродостојни информации“ оти Русија и Сирија се обидуваат да го „исчистат местото на нападот со хемиско оружје“, додека го одлагаат пристигнувањето на инспекторите на ОПЦВ.
Споерд неа, руски официјални лица заедно со сириската Влада работат на „чистење на локацијата на нападот“ со цел да ги отстранат доказите за употреба на хемиско оружје.