Летонија се поднови со Влада четири месеци по изборите

59

Летонскиот Парламент денеска избра нова коалициска Влада на земјата, речиси четири месеци по изборите одржани на 6 октомври минатата година.

„За“ изборот на Владата на премиерот Кришјанис Каринш од десноцентристичката партија Ново единство (ЈВ) гласаа 61 пратеник во сточлениот летонски Парламент, а 39 беа „против“.

Каринш беше трет мандатар по изборите, откако претходните двајца кандидати, Јанис Борданс од Новата конзервативна партија (ЈКП) и Алдис Гобземс од евроскептичната конзервативна партија Кој ја поседува државата (КПВ), не успеаја да обезбедат мнозинство за формирање влада.

Во владиниот Кабинет на Каринш, покрај неговата ЈВ, учествуваат и КПВ, ЈКП, либералната партија За развој (АП) и десничарската Национална алијанса (НА).

Коалицискиот договор беше постигнат по три месеци преговори, што е најдолг период потребен за формирање влада во Летонија по едни избори, од стекнувањето на независонста на земјата во 1990 година.

Надвор од новата Влада останаа најбројната политичка сила во Парламентот,  Социјалдемократската партија „Хармонија“ (СДПС), која ја ужива поддршката на мнозинството од припадниците на руското малцинство во Летонија, како и центристичката Унија на зелените и земјоделците (ЗЗС), што ја предводеше досегашната владина коалиција во која учествуваа уште и ЈВ и НА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...