Министерот за инфраструктура на Косово, Паљ Лекај порача дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина нема да се укине, дури ниту по цена да падне Владата на Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лекај во синоќешното интервју за КТВ рече дека е неприфатливо продолжувањето на дијалогот меѓу Приштина и Белград да се условува со укинување на таксата, затоа што дијалогот и во минатото се одвивал, и покрај санкциите, што Србија ги спроведуваше кон Косово.
– Ние бевме конструктивни и покрај тоа што Србија не имплементираше ниту еден од постигнатите договори. Бевме во дијалогот и покрај кршењето на договорите од страна на Белград. Нема да ја укинеме таксата и во тоа сме решени. Ако треба и на избори ќе одиме, но таксата ќе остане – изјави Лекај.
Тој го поддржа ставот на премиерот Харадинај против идејата на претседателот на државата Хашим Тачи за размена на територии со Србија.
– Харадинај го штити Уставот, ја штити Владата и граѓаните на Косово. Сега за сега нема некаков документ и јас не верувам дека Тачи може да потпише нешто што не е засновано на Уставот на државата – изјави Лекај за приштинската телевизија.