Легери, кој денеска присуствуваше на свеченост во Тирана по повод утрешниот почеток на набљудувачката мисија на Фронтекс долж целата гранична линија меѓу Албанија и Грција, во интервјуто се осврна на причините зошто агенцијата одлучила да доведе свои граничните службеници во Албанија, иако таа не е членка на ЕУ.
– Постои долгогодишна соработка меѓу ЕУ и Албанија. Од 2016 година, Фронтекс има можност да ги проширува своите активности во земјите кои не се членки на ЕУ. Тоа е политичка одлука на Европската унија, ваквата операција да се прошири и во Албанија. Наскоро ќе имаме слични гранични контроли во другите земји од Западен Балкан, но Албанија е првата земја, изјави Легери.
Тој се осврна и на целите на кои ќе бидат фокусирани припадниците на Фронтекс.
– Ние сме тука бидејќи сме оперативен актер и ние ќе и помагаме на албанската гранична полиција со надзор и контроли. На најспецифичен начин ние сме фокусирани на борбата против трговијата со луѓе, илегалните преминувања, илегалната имиграција, вклучувајќи ги и сите криминални активности кои може да се откријат на границата во рамки на доброто управување. Ова е во согласност со нашиот мандат како Фронтекс, нагласи Легери.
На прашањето кои се целите што сака да ги постигне Фронтекс во Албанија, тој одговара дека главната цел е агенцијата да биде присутна на копнената граница со Грција.
– Тоа е направено во тесна соработка со Грција, која е ваш сосед – членка на ЕУ. Целта се однесува на подобар мониторинг на илегалната имиграција која тргнува од Грција кон северниот дел на Албанија. Исто така, постојат и нелегални активности како што се прекуграничната недозволена трговија од секаков вид. Сакаме да им помогнеме на албанските сили задолжени за спроведување на законот и на пограничните власти, вели извршниот директор на Фронтекс.
Легери уште посочува дека Фронтекс почнува со мисијата од утре со 50 гранични офицери, кои доаѓаат од 12 земји членки на ЕУ и располагаат со техничка опрема и патролни возила. Според него, доколку има потреба бројот на припадниците на мисијата ќе биде зголемен.