Легално или не, Македонците од сезонска работа печалат и до 6.600 евра

За сезонска работа, велат од агенциите, најмногу се бараат угостителски работници градежници и занаетчии од секој вид. Годинава Хрватска е најатрактивна, но се нуди работа и во Црна Гора, Грција и во Бугарија.

1906

Повеќе од 5.000 сезонци од земјава ова лето легално преку агенциите ќе работат во Хрватска, Црна Гора, Грција и во Бугарија. Дополнително на работа преку пријатели, нелегално, голем број Македонци работат и во Италија, Швајцарија, Австрија и во Германија. Ги има и на Малта, но таму самите ги плаќаат работните дозволи и нивната работа е повеќе од сезонска. Нивната заработка зависно од платата за три или шест месеци се движи од 3.300 до 6.600 евра.

За сезонска работа, велат од агенциите, најмногу се бараат угостителски работници градежници и занаетчии од секој вид. Годинава Хрватска е најатрактивна, но се нуди работа и во Црна Гора, Грција и во Бугарија.

– Хрватска најдобро го реши проблемот со потреба од сезонски работници од странство со таканаречената отворена квота за прифаќање на работна сила. Овој систем функционира едноставно и им дава права и сигурност на работниците од странство. Ако имаат работодавач, тогаш оние кои конкурирале за работата добиваат дозвола за престој и работа, имаат право да отворат тековна сметка, а им се платени и социјалните давачки – вели директорот на Агенцијата „Коузон“, Зоран Кочоски.

За работа во Хрватска интерес пројавиле повеќе од 2.000 лица од земјава. Тие типуваат на плата од 650 до 1.100 евра, се разбира зависно од работата што ќе ја извршуваат. Искуствата на оние кои веќе добија работа на хрватското приморје е дека сѐ е решено.

– Платата е гарантирана на износот кој е договорен, работното место во хотелот во кој работам е сменско, но не се бара дополнителен ангажман на друга позиција. Мислев дека нема здравствено, но и тоа е обезбедено. Имам сместување и оброк. Впрочем, она што беше ветено при презентацијата на работодавачот во Скопје, сѐ е обезбедено – вели Александра, која работи во хотел во Дубровник.

Директорот на агенцијата „Коузон“, смета дека во Црна Гора на сезонска работа годинава ќе одат од 1.000 до 1.500 луѓе од земјава. Платите таму се пониски од оние во Хрватска и изнесуваат од 550 до 850 евра, но и таму редовно одат наши сограѓани да работат во летниот период. Дел од нив таму се сезонци и по неколку години со ред.

– Работам во истата пицерија веќе неколку години. Се навикнав на сопственикот и на редовните работници. Добро е платено, а има и посебен однос кон работниците – вели Дарко од Скопје кој во Тиват, Црна Гора, работи трета година по ред.

Грција со години е дестинација за сезонска берба на овошје, но и работа во угостителските објекти, а Бугарија како членка на Европската унија привлекува и сезонци од земјава.

– Грција годинава не е многу атрактивна за сезонска работа. Претпоставки се дека таму годинава би заминале околку 1.400 лица, а во Бугарија на Црноморското крајбрежје обично работат до 300 Македонци на годишно ниво – вели Кочоски.

Во овој период, актуелни се емигрирањата на Малта, но таму може да се работи на подолго време од три месеци, оти трошоците за дозволите ги плаќаат оние кои што бараат работа.

– Работната дозвола за една година изнесува 750 евра колку што е платата за еден месец и не би им се исплатело на оние кои ја платиле дозволата да работат три месеци. Таму и вработувањата се на подолг период – вели Кочоски.

Интересно е и тоа што добар дел од македонските граѓани летниот период го користат да работат во Германија, Италија, Австрија и во Швајцарија, но нивниот престој и работа во овие земји најчесто е нелегален.

– Италија, Германија и Швајцарија со години немаат квоти за македонски државјани. Австрија имаше минатата година, но веќе и таа нема. Вработувањето и престојот во овие земји најчесто се врши преку познаници, односно нелегално – појаснува Кочоски.

Иако лани имаше сезонски вработувања и во Србија, сепак, во оваа земја работењето на странци не е соодветно регулирано.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...