Објавено е српското издание на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ („Лабудова песма Заробљенице ветра“) на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов. Книгата е посветена на првата македонска поетеса и основоположничка на женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.
Книгата, чие македонско издание се појави во 2016 година, на српски јазик ја преведе и ја приреди познатата српска поетеса, преведувачка и литературна критичарка од Нови Сад Снежана Алексиќ – Станојловиќ.
Ова дело произлезе од радиоелегијата што по ист наслов беше емитувана на програмата на Македонското радио – Радио Скопје и е дел од мега аудио-книжевниот проект „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“.
Книгата, како и радиоелегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, има три структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници. Застапени се искажувањата на Златица Поповиќ – Ручигај, сестра на Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.
– Ова е книга – концентрат на најважното за Даница, за она што не смее да се заборави за жената која сосема сама почна и сврте цела една страница во македонската поезија и култура воопшто – сметаат авторите.
Искра Чоловиќ и Свето Стаменов во 2018 година ја промовираа антологијата на песни посветени на првата македонска поетеса Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“, што ја приредија по повод 55-годишнината од нејзината смрт. Заедно со Надица Караколева беа автори на изложбата на факсимили на рачно напишани песни посветени на Даница Ручигај, која беше поставена во Младинскиот културен центар – Скопје од 6 до 15 септември 2018 година. Тие се автори и на книгата „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), а беа приредувачи на книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај, која беше објавена во 2003 година по повод 40-годишнината од нејзината трагична смрт и од скопскиот катастрофален земјотрес и која, покрај двете нејзини антологиски стихозбирки, содржи се што дотогаш беше напишано и објавено за неа и за нејзиното творештво.