Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) смета дека актуелната Влада на Рамуш Харадинај веќе нема никаков легитимитет и затоа предвремените избори се неопходни, и тоа до крајот на годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пратеникот на ЛДК Исмет Беќири вели дека опозицијата очекува и од пратеници од владејачката коалиција, кои се незадоволни од оваа Влада, да ја поддржат интерпелацијата, која ја ќе ја поднесе неговата партија.
– ЛДК веќе ги има обезбедено потписите, оваа готовност е изразена и од (опозициските) Самоопределување (ВВ) и од Социјалдемократската партија (ПСД). Сега се подготвува и текстот на интерпелацијата и ние одржуваме контакти со сите оние кои се во владејачката коалиција, а кои се незадоволни, за да не поддржат во уривањето на оваа влада – изјави Беќири за Радио Косово.
Тој нагласува дека владејачката коалиција веќе нема ни мнозинство во косовското Собрание, а со тоа ниту политичка моќ да донесе каква и да е одлука.
Најголемата опозициска партија во Косово претходно објави дека нема да учествува на ниедна собраниска седница, се додека на дневен ред не се стави резолуцијата на опозицијата за дијалогот меѓу Косово и Србија.