Најстариот и најчитаниот весник во Никарагва „Ла Пренса“ вчера излезе со празна насловна страница во знак на протест поради тоа што Владата не дозволува увоз на мастило, хартија и други материјали за печатење весници.
– Можете ли да го замислите животот без информација? е наведено на насловната страница на „Ла Пренса“, при тоа жалејќи се дека Владата на левичарскиот претседател Даниел Ортега го попречува снабдувањето со материјали потребни за печатење веќе 20 недели.
– Не знам уште колку долго можеме да печатиме весници. Можеби уште два месеца, можеби само уште утре – изјави диркеторот на „Ла Пренса“, Жаим Чаморо.
Организациите за заштита на човековите права и независните медиуми тврдат дека Владата на Ортега ја загрозува слободата на изразување.
„Ла Пренса“ тврди дека царината добила наредба од Владата да го спречи увозот на хартија и на мастило за да се освети за критичкото пишување за политичките тензии во Никарагва.
Од април минатата година земјата минува низ најтешката криза од граѓанската војна во 80-тите години од минатиот век. Според Нигарагванскиот центар за човекови права, група која се наоѓа на владината црна листа, за време на протестите загинаа над 300 луѓе, а повеќе од 500 се уапсени.
Групите за заштита на човековите права наведуваат дека четири радио станици и една телевизија се затворени, а десетици новинари се претепани.
Владата на Ортега тврди дека во земјата има слобода на изразување и ја обвинува опозицијата дека се обидува да ја собори.