Поранешната шефица на романската Дирекција за борбата против корупцијата Лаура Ковеси е потврдена за Главен обвинител на Европската унија за измами, соопшти Европскиот Парламент.
Ковеси го презема новото Европско обвинителство (EPPO) со мандат од седум години, откако мнозинство од земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи го и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, во септември ја поддржаа нејзината кандидатура.
Вкупно 22 членки на ЕУ се регистрирани во EPPO, телото кое има надлежности да ги истражува сомненијата за измами, поврзани со буџетот на ЕУ. Обвинителството ќе биде сместено во Луксембург и ќе биде составено од група обвинители од сите држави членки, со исклучок на Обединетото кралство, Шведска, Унгарија, Полска, Ирска и Данска.
Букурешт предупреди дека нема да ја поддржи Ковеси, која од 2013 до 2018 година беше шефица на романската Национална дирекција за борба со корупцијата, пред нејзиното противречно отстранување од функцијата на барање на романската Влада.
За време на своето раководење со Дирекцијата таа одигра важна улога во отворањето истраги за измами против 14 поранешни или актуелни романски министри, 43 пратеници и над 260 локални службеници.
Романските власти подготвија свои обвиненија за корупција против неа, што беше критикувано од Брисел.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ