Русија е вознемирена поради засилените напори на НАТО и ЕУ за „посвојување“ на балканскиот регион, што води до нови линии на поделба и до дестабилизација на Европа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Состојбата на Балканот предизвикува загриженост – истакна Лавров во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, дадено во пресрет на денешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва.
Лавров тврди дека НАТО и ЕУ вршат притисок врз земјите од Балканот да направат избор меѓу Москва, од една, и Вашингтон и Брисел, од друга страна, што, според него, е погрешен пристап.
– Таквите постапки водат до идна дестабилизација на безбедносната архитектура во Европа, до зголемување на тензиите и до појава на нови линии на поделба – заклучува Лавров.
ФОТО: EPA/AARON UFUMELI