Најголемата британска опозициска партија, Лабуристичката партија е подготвена да поддржи втор референдум за излез на Велика Британија од Европската унија, доколку Владата ги офрли нејзините предлози за Брегзит и се одлучи за „тврд излез“, односно излез без договор, изјави денеска лидерот на лабуристите, Џереми Корбин.
– Ако Владата остане тврдоглава, ако лабуристичката алтернатива биде блокирана и земјата се соочи со можна катастрофа која ќе доведе до излез без договор, наша обврска ќе биде да се свртиме кон други опции, вклучувајќи и јавно изјаснување – рече Корбин во Хејстингс, јужна Британија.
Тој потврди дека е подготвен да го прифати повикот на премиерката Тереза Меј за разговор за Брегзит само ако таа ја отфрли идејата за излез од ЕУ без договор.
– Владата потврди дека таа се држи до опцијата за излез од ЕУ без договор. Затоа, повторно и порачувам на премиерката: Многу сум расположен за разговор, но појдовна точка за секој разговор за Брегзит мора да биде отфрлање на секоја идеја за излез без договор“.