Меѓународната воена мисија во Косово – КФОР вели дека ситуацијата во целата земја е под контрола и повикува на воздржаност од изјави и дејствија кои би можеле да доведат до ескалација – јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјавата доставена на програмата на српски јазик на Косовската радиотелевизија (РТК), КФОР напоменува дека постојано ја следи ситуацијата на теренот во цело Косово и е целосно посветено на својот мандат за гарантирање на безбедноста на сите граѓани.
КФОР тврди дека неговите сили се подготвени за брзо распоредување во сите делови на Косово и нагласува дека нема потреба од нивно зголемено присуство на некое одредено место.
Меѓународните сили напоменуваат дека не се занимаваат со политика и со политичките шпекулации „кои понекогаш ги навестуваат тензиите на политичко ниво“.
– Последните денови имаше закани или дејствија, кои влијаеја на безбедноста во Косово. КФОР ги повикува сите да се однесуваат одговорно, да ги избегнуваат провокациите и да се воздржуваат од секакви изјави или дејствија кои можат да водат кон ескалација, се вели во изјавата.