Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој попладнево во Белград имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека ЕУ ќе биде целосна само кога во неа ќе бидат членки земјите од Западен Балкан.
Во видео-порака објавена на Твитер, Курц порача дека Австрија е тесно поврзана со Западен Балкан на политички, економски, културен и посебно на меѓучовечки план.
– Западен Балкан посебно ни лежи на срце и е наш важен економски, политички партнер, со кој сме посебно поврзани на човечки план. Поради тоа, тој регион и за време на нашето претседавање со ЕУ има целосна наша поддршка – нагласи Курц.
По средбата со Вучиќ. австрискиот канцелар изрази уверување дека е можно да се дојде до решение на косовското прашање во дијалогот Белград-Приштина и нагласи дека ставот на неговата Влада е оти треба да се поддржи секој договор кој води до долгорочно решение.
Курц нагласи дека е пресудно дијалогот не само да продолжи, туку и да се дојде до успешен крај. Тој апелираше до населението да ги поддржи сите политичари кои сакаат да појдат по патот до решение.
Според него, постои единствена можност да се реши проблемот и историјата да биде оставена во минатото.
Курц потсети дека членство во ЕУ е можно само доколку дојде до решавање на косовското прашање.
Вучиќ, од своја страна, истакна дека Австрија поддржува секакво решение до кое би дошле српската и албанската страна.
На заедничката прес-конференција, српскиот претседател потенцираше дека Австрија ја признала независноста на Косово пред 10 години, но дека му е благодарен на австрискиот канцелар на поддршката на секое компромисно решение.
– Подготвени сме да се бориме за иднината, но за нас е важно тоа дека Србија не смее да биде понижена и албанската страна да добие сè. Доколку е некој подготвен да се дојде до решение, секогаш кај нас ќе има партнер за разговор – потенцираше Вучиќ.
Курц вечера од Белград ќе отпатува за Приштина, каде за утре се планирани средби со претседателот и премиерот на Косово Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.