Австристкиот канцелар Себастијан Курц, кој денеска престојува во Приштина, изјави дека Виена ќе го поддржи секое решение за кое ќе се договорат Косово и Србија, вклучително и корекцијата на границата и размената на територии, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Тука имам многу јасен став. Австрија се согласува со кој и да е договор што ќе го постигнат Косово и Србија. Доколку успеат да се договорат никој нема право да го оспори тој договор – изјави Курц на заедничка прес-конференција со косовскиот претседател Хашим Тачи.
Според австрискиот канцелар, истиот став го дели и Европската унија.
– Ова е став и во рамките на ЕУ. И доколку биде корекција на границите и размена на територии, тогаш ќе биде поддржано од ЕУ – истакна Курц, повикувајќи ги косовските граѓани да ги поддржат напорите за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија.
Тој додаде дека затворањето на дијалогот со Белград е важен и за визната либерализација за Косово.
Курц истакна дека во моментов не може да се зборува за конкретен датум кога ќе се укинат визите за Косово, но посочи дека во однос на тој процес постои одреден скептицизам кај некои земји членки на Советот на Европа.
Косовскиот претседател Хашим Тачи наведе дека Косово останува посветено на постигнувањето договор со кој ќе се стави крај на споровите со Србија, со што ќе се придонесе и за стабилноста на Балканот.
– Договорот ќе донесе мир, добросостојба за нашите народи и стабилност за целиот Балкан – посочи Тачи.
Австрискиот канцелар, кој во Приштина допатува по вчерашната посета на Белград, денеска ќе се сретне и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.