Косовскиот премиер Албин Курти ќе отпатува денеска за Албанија, во неговата прва официјална посета надвор од земјата откако пред една недела, на 3 февруари, беше избран на чело на новата Влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти ќе биде примен од албанскиот премиер Еди Рама, по што, на церемонија во Собранието на главниот град на Албанија, градоначалникот Ерион Велиај ќе му го врачи „Клучот на Тирана“, со што косовскиот премиер ќе стане почесен граѓанин на тој град.
Според агендата што вчера ја објави неговиот кабинет, за време на полудневниот престој во Тирана, освен со Рама и Велиај, Курти ќе се сретне и со претседателот на Албанија Илир Мета, со собранискиот спикер Грамоз Ручи и со лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.
Новиот косовски премиер вчера изјави дека со неговите домаќини во Тирана ќе разговара, не само за Косово и за билатералните односи, туку и за состојбите во Западен Балкан.
– Ќе имам средби со челниците на сите институции во Тирана. Ќе имаме разговори за повеќе теми, вклучително и Западниот Балкан. За нашите ставови ќе зборуваме по утрешните средби – изјави вчера Курти пред новинарите во Приштина.