Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори, побара од претседателот на државата Хашим Тачи да не му врши притисок со барањата да го определи мандатарот за формирање на новата влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното писмо до Тачи, Курти наггласува дека „Уставот на Косово не го познава дискреционото право на претседателот, ниту неговата активна улога во процесот на одредување на мандатарот“.
Лидерот на ВВ му порача на Тачи дека „улогата на претседател треба да се гледа единствено во рамките на неговата уставна позиција, а не на неговото субјективно и политичко позиционирање.
„Ние го примивме вашето писмо од 10 јануари 2020. Изразувајќи разбирање за вашата уставна улога, сакам со жалење да констатирам дека вашата порака претставува пристрасна интервенција во формирањето на институциите и заканувачко предупредување, во случајов кон победничкиот субјект, пишува Курти.
Најавувајќи дека ќе го извести за името на мандатарот веднаш штом биде подготвен да ја формира новата влада, Курти го информира Тачи дека неговата партија е блиску до постигнување договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).
Тачи во петокот побара од ВВ во најкраток можен рок да го информира за името на мандатарот за состав на новата влада, со цел да не се одолговлекува веќе со формирањето на институциите на државата. Во спротивно, доколку ВВ не може да состави влада, тој најави дека ќе го додели мандатот на друг субјект.
Вонредните парламентарни избори во Косово се одржаа на 6 октомври 2019, а двете партии победнички, досега опозициските ВВ и ЛДК, и покрај претходните најави за брзо формирање на новата заедничка влада, се уште не успеваат да се договорат за поделба на функциите.
До застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако на конститутивната седница на новото Собрание, на 27 декември, на предлог на Курти за собраниски спикер беше избран Глаук Коњуфца од ВВ, иако таа функција во претходните договарања беше ветена на ЛДК.
Фото: EPA/GEORGI-LICOVSKI