Лицемерно е што Мицкоски, лидерот на партијата која дозволи винаријата „Стефани” да ги користи лозарите за политички поени, сега глуми загриженост за производителите на грозје. Ако поранешната владејачка партија своевремено вистински се грижеше, немаше да дозволи „Повардарие” да откупува грозје со неплатени обврски кон лозаропроизводителите, изјави претседателот на здружението „Напредни лозари”, Трајче Кулев, на денешната прес конференција.
– Пратеничката Весна Пемова, која гордо стои зад Мицкоски, со години збор нема кажано во Собранието за долговите кои ги оставија. Нема да дозволиме вакви политички манипулации и злоупотреба на лозарите за политички цели – нагласи Кулев.
Тој потсети дека пред неколку дена нивни претставници биле во Министерството за земјоделство, а било разговарано за проблемот со неисплатените пари од „Повардарие”, за грозје од пред неколку години. Било најавено дека министерот треба да дојде утре во Кавадарци и да соопшти решение за проблемот.
Тој се заблагодари за ангажираноста на премиерот Заев, министерот, градоначалниците, пратениците од сите политички партии од регионот и службите при Министерството, со кои, како што рече, преку конструктивни средби се бара решение.
Зоран Пешков, секретар во Здружението, се осврна на активностите околу утврдување на одредбите во новиот Закон за вино. Тој информираше дека како претставници учествувале на неколку средби. Соопшти дека предлагаат подобри одредби при откуп на грозје, различни законски решенија за мали, средни или големи винарии. Очекува дека со новиот закон, конечно и семејните винарии ќе си го најдат своето место.
Претседателот на Собранието на Здружението, Симон Лазороски нагласи дека се здружиле со цел да ги решаваат наталожените проблеми и веќе имале успех.
– Се надеваме дека ќе се исплатат заостанатите долгови и субвенциите до празникот „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите. Во спротивно, ќе организираме протести и со порадикални мерки ќе ги бараме своите права – дециден беше Лазороски.
Освен двете винарии, на лозарите за грозје од пред неколку години, им должат и други откупувачи, а правдата се бара на суд.