„Кубанска вечер“ на „Охридско лето“

84

Популарни кубански танци од најразлични жанрови ќе понуди групата „Екос Фламенго“ во рамки на „Кубанската вечер“ предвидена за 26-тиот ден од годинешното фестивалско издание на „Охридско лето“.

Станува збор за специјален проект реализиран од кубанската влада, а во Македонија и на „Охридско лето“ гостува преку соработка и на покана на македонското Министерство за култура.

Во 1999 година група искусни танчери и музичари на фламенго музика ја создаваат Фламенго компанијата ЕКОС. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во Хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството за култура на Куба. Членовите на ЕКОС се танчери со неоспорлив талент, високо техничко ниво, кои се обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот.

Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапувале и на фестивали, како и голем број национални и интернационални случувања во земјата. Покрај тоа, се имаат претставено и на фестивали во Абу Даби, Обединетите Арапски емирати и во Кувајт, а настапувале и во Турција.

Од 2009 година, основачите на ЕКОС – прима балерината, кореограф и уметнички директор Ана Роса Менесес и музичарот, пејач и музички директор Мигуел Чавез започнуваат проект во кој прават спој на јоруба музиката, кантри музиката и танцови елементи од популарната кубанска музика со разновидни фламенго жанрови. Овој проект веќе со години доживува одобрување од публиката насекаде.

Покрај изведувачката дејност, ЕКОС многу често одржува и курсеви и работилници со Фламенго школата во рамките на Фламенго клубот. Покрај кубанските популарни танци, на овие предавања слушателите имаат можност да учат и пеење, а се одржуваат и фламенго конференции.

Музичкото шоу „Екос Фламенго“ ќе се одржи на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...