Извршниот одбор на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) оствари средба со делегација на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), предводена од генералниот секретар Лука Висентини, на која се разговарало за актуелната состојба со синдикалното организирање и за Законот за работни односи.
„На состанокот се разговараше за екстремно деликатната состојба во која се наоѓа Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и уште еднаш претставниците од ЕТУК беа запознаени со сите форми на притисоци со кои се соочува КСС и неговите членови, како што се откази, притисоци за отчленување од синдикатот, репресии на синдикални лидери, поткрепени со валидна документација. Се дојде до заклучок дека во нашата земја се кршат основните принципи на синдикалното делување, се кршат законите, како и Меѓународните конвенциии на МОТ, особено Конвенцијата за човекови права и беа утврдени понатамошните чекори на делување“, информираа денеска од КСС.
На состанокот, кој се одржал вчера, се разговарало и за Законот за работни односи за кој било оценето дека е направен по пример на европската легислатива и овозможува соодветна заштита на работниците, но оти би можел незначително да се ревидира.