Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија (КСС) изразува огромна загриженост за лошите економски и социјални состојби вкупно во државата и особено кај поголемиот дел на вработени чии месечни примања не обезбедуваат ниту минимален животен стандард за нив и нивните семејства.
Загриженоста на КСС е уште пооправдана ако се има во предвид фактот дека економските показатели покажуваат постојано влошување на состојбите, што е сосема спротивно и од очекувањата на работниците и особено од ветувањата на Владата на РМ.
КСС повеќе пати многу сериозно укажуваше и бараше итно да се изнајдат решенија за надминување на ваквите состојби, но за жал одговорните државни органи, не преземаа доволно сериозни мерки за излез од оваа ситуација.
Особено е неприфатлив односот на најголемиот дел од државните органи, особено ресорното Министерство за труд и социјална политика во делот на функционирањето на социјалното партнерство и дијалог. Како најеклатантен пример на неодговорно однесување е односот на ресорниот министер кој по функција е и Претседател на ЕСС на национално ниво, кој е исклучително важен државен орган во делот на социјалното партнерство и дијалог.
Имено, ЕСС се претвори во комичен дебатен клуб што е сосема спротивно на Деловникот за неговата работа како и одредбите од ЗРО што ја регулираат неговата функција. Како последица на таквото исклучително тешко кршење на одредби од системски закон, спротивно на Деловникот “усвоени” се мошне сериозни решенија од страна на такапоставениот ЕСС.
КСС и во оваа прилика укажува на многу сериозното кршење на одредби од колективни договори и закони, посебно ќе ги одбележиме Законот за работни односи и Законот за пензиско и инвалидско осигурување, посебно во одредбите каде што прашањето за платите е децидно регулирано дека се врши со заеднички договор на социјалните партнери на конкретното ниво.
Република Македонија стана единствен пример во региониот и веројатно и пошироко, каде што местото и улогата на синдикатите кои се регулирани со највисоки меѓународни документи (конвенции) како и со највисоките правни документи во нашата држава (Устав и повеќе закони) тотално не се почитуваат од страна на одредени носители на високи функции во државните органи, а уште полошо состојбите во делот на локалната самоуправа и особено во делот на јавни установи и приватни претпријатија. Ваквата состојба не може да има, туку сигурно веќе има и уште повеќе ќе има многу негативни последици кои ќе бараат многу повеќе време за да се санираат таквите состојби отколку што сега со голема леснотија сето тоа се прави.
Вршење на притисоци за зачленување или отчленување во било кој синдикат, закани со изрекување на казнени мерки доколку не се постапува според наредби и желби на одредени моќници, според местото кое го имаат, до најгруби примери на давање откази на носители на најодговорни позиции во неколку од синдикатите, вклучително и на Претседателот на КСС, се случаи кои се без секакви дилеми исклучително сериозно кривични дела. За жал, дури и писмените укажувања на највисоките претставници на Европската и Светската Конфедерација на синдикати до највисоките носители на функции на нашата земја не беа доволна причина веднаш да бидат отстранети овие застрашувачки и срамни газења на законски одредби ???
КСС јавно и јасно и во оваа прилика (што би требало да има и поголема тежина заради Денот на трудот) изјавува дека никогаш нема да отстапи од улогата што ја има како вистинска организација на работниците кои доброволно се членови во здружените синдикати во КСС, нема да ги напушти принципите усвоени на Основачкиот конгрес во 2005 година, како и меѓународните правни документи и правните документи кои се во сила во нашата држава.
Затоа бараме итно враќање во рамките на законите на државата во делот на социјалното партнерство и дијалог и посебно функционирање на ЕСС на национално ниво и Економско социјалните совети на локално ниво.
Итно бараме отпочнување на сериозни преговори во делот на платите, согласно одредбите од ЗРО и колективните договори и во тој контекст задолжително учество во проектирањето на најавениот ребаланс на Буџетот за оваа година во делот на платите.
Еден од проблемите кој ескалира посебно последните месеци во јавниот сектор е прекинување на работен однос на илјадници вработени и тоа по исклучително сомнителни причини и најчесто веднаш вработување на други работници што само по себе јасно зборува за злоупотреба на моќта од одредени поединци што во овој момент ја создаваат злоупотребувајќи го местото кое го извршуваат.
КСС итно бара да се престане со ваквите однесувања и веднаш да бидат од страна на надлежните инспекции направени проверки и ревизии на сите отпуштања за кои постојат индиции за кршење на одредени закони.
Сакаме да веруваме дека овие укажувања ќе бидат сериозно сфатени од сите одговорни органи или поединци на сите нивоа во извршување на фунцкионирањето на Власта. Во спротивно нема да го чекаме 1ви мај за да излеземе на улиците, туку тоа ќе го правиме секогаш кога ќе бидеме доведени во таква ситуација заради нефункионирање на правната држава и тоа со бројка на учесници каде голем дел од улиците во Скопје како и во другите градови најчесто ќе бидат претесни. Тоа не е наша желба, туку ќе биде одговор на тие кои ќе си играат со правата кои ни се загарантирани и од кои зависи животот на работниците и нивните семејства.
На сите работници и особено на членовите на синдикатите од КСС им го честитаме Меѓународниот ден на трудот.