Заменикот на рускиот министер за надворешни работи Александар Грушко денеска оцени дека политиката на заплашување која НАТО ја води против Русија, и штети на нормалната соработка меѓу двете страни.
– Проблемот во нашите односи со НАТО е што НАТО оди кон своите позиции од 1949, кон политика на заплашување во односите со нашата земја. Значи, не може да има нормална соработка во такви услови, затоа што соработката е можна ако страните не се гледаат една друга како непријатели, туку претпоставуваат дека постојат објективни сфери на заеднички интереси – рече Грушко на маргините на Минхенската безбедносна конференција во Минск.
Тој укажа дека соработката меѓу Советот на НАТО и Русија била корисна во борбата против тероризмот, шверцот со дрога, трговијата со луѓе, но оти таа соработка е речиси замрзната по иницијатива на НАТО.
Грушко рече дека во Алијансата постојано се зборува за потреба од деескалација, ставање крај на опасните воени инциденти и избегнување несогласувања кога станува збор за воени намери, но оти ништо не прави за да се обноват воените контакти.