Кремљ жали за одлуката на американската Влада да ја откаже средбата меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, изјави синоќа портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
– Тоа значи дека разгледувањето на сериозни прашања од меѓународниот и билатералниот дневен ред се одложува на неопределено време – рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го откажа состанокот со претседателот на Русија, Владимир Путин, што беше планиран за в сабота.
Двајцата претседатели требаше да се сретнат на маргините на Самитот на Г20 во Аргентина.
– Со оглед на фактот дека морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека најдобро е за сите да го откажам претходно закажаниот состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин. Се радувам на значителен Самит, штом ќе биде решена оваа ситуација – напиша Трамп на Твитер.
Руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, тврдејќи дека нелегално влегле во руски територијални води.
ФОТО: ЕПА