Со 10 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој целосно ќе се реконструира и модернизира патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир во должина од 13 километри, кој ќе се прошири со трета лента.
Денеска се потпишани договорите за заем и гаранција во Министерството за финансии.
– Заемот е со рок на отплата од 15 години години и вклучен грејс период од две години, со варијабилна каматна стапка која се состои од шестмесечен еуролибор, зголемено за маргина од еден процент. Каматната стапка сега изнесува околу еден процент и сега има исклучително поволни услови на пазарот – информира по потпишувањето на договорите министерот за финансии Драган Тевдовски.
Според него, проектот ќе ја подобри поврзаноста на Македонија со Бугарија со која последната година сериозно ја зголемуваме трговската размена и оти како делница за поврзување на Црното со Јадранското Море е од голема важност не само за македонската економија, туку и за регионот.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), според критериумите ќе треба да и плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од еден отсто од износот на заемот, како и провизија за неповлечен дел од заемот во висина од 0,5 отсто на годишно ниво.
– Проектот ќе ги подобри економските врски на земјата со Европската унија преку соседна Бугарија, која е веќе членка на ЕУ. Надградбата на паневропскиот патен коридор се стреми кон креирање 10 главни транспортни коридори долж Европа, поттинувајќи ги транспортните конекции и трговијата – рече Су Барет, директор на тимот за транспорт во ЕБОР.
До крајот на годинава треба да биде обезбеден и инвестициски грант од 2,6 милиони евра преку Инвестициската програма за Западен Балкан.
Министереот за транспорт Горан Сугарески, пак, рече дека владините политики се насочени кон комплетирање на Коридорот 8.
– Нашата цел е да созадеме функционален Коридор 8 кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на патници и стоки. Со обебзедување средства за доизградба на уште една лента на овој патен правец ќе придонесеме за побрз транспорт и регионално поврзување и соработка – рече Сугарески.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов информираше дека е завршена целосната документација.
– Целата идеја е заедно со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина. Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно, ќе се прошири секаде каде што може со трета лента на постоечките, ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце – рече Китанов.