Охридска банка – Сосиете Женерал и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска потпишаа договор со кој на малите и средни претпријатија во Македонија им се ставаат на располагање 10 милиони евра повластени кредити за инвестиции.
Mинистерот за финансии Драган Тевдовски, кој присуствува на потпишувањето,рече дека оваа кредитна линија претставува ликвидносна инјекција која ќе придонесе за придвижување на малите и средни претпријатија (МСП). За 15 отсто од инвестициите тие ќе добијат поврат на средствата во форма на гранд од ЕУ.
– Кредитната линија се реализира преку Програмата за поддршка на конкурентноста и иновативноста и е стимул за вложување во нови производни капацитети и отворање нови работни места – рече министерот.
Програмата за поддршка на конкурентноста е проектирана на 30 милиони евра, од кои шест милиони се грант од ЕУ.