Немам ништо против полициските инспектори што го испитувале Миленко Неделковски да ме повикаат да им ја објаснам суштинската разлика меѓу мојот текст со наслов „Христијан, да не решат Америте да ти врзат машна…“ и неговите „асоцијации“, како што ги именува водителот, упатени до Зоран Заев, а за „авиончето за Мостар“. На осомничениот Неделковски треба да му се пружат сите можности да се брани и ако тоа ја вклучува и неговата желба полицијата да ме повикала на распит и да ми го прегледала телефонот, јас сум расположен да му учинам.
Но еве, бидејќи Миленко се сомнева дека полицијата не смеела да ме повика, мојот одговор на неговото прашање ќе го соопштам и јавно. Неговото прашање гласи: Ова „Христијан, да не решат Америте да ти врзат машна“ е закана исто како и „И тебе ќе ти летне авиончето за Мостар“, или не?! Секој просечно образован човек лесно ќе разбере дека одговорот на прашањето е – не!
Пред сѐ, изразот „да се врзе машна“, во неговото преносно значење, е општо познат и користен во многу прилики. Во мојот текст тој е засилен и со директна споредба со политичката судбина на Груевски, па сосема е јасно дека јас Мицкоски го предупредувам дека неговото спротивставување на политиката на САД и на Западот може да доведе до крах на неговата политичка кариера. Тоа е тоа, просто и јасно како бел ден.
За разлика од тоа, Миленко Неделковски не го спомнува „авиончето од Мостар“ прв пат. Порано, на пример, инсинуираше дека Стево Пендаровски намерно не се качил во авиончето во кое загина поранешниот претседател Борис Трајковски. „Асоцијациите“ на Миленко во врска со оваа трагедија јасно укажуваат на тоа дека тој ја смета за атентат. И затоа, ако мене некој ме прашува, „авиончето од Мостар“ за Заев е чиста закана за премиерот. Но, ова сакам да го нагласам – тоа е закана којашто, во духот на сеопштото помирување што го проповеда Заев, а и заради потребата да не му се придава преголемо значење на еден сепак несериозен тип, едноставно треба да се игнорира.
Можеби проблем и за Миленко и за органите на прогонот е тоа што кај него има долга предисторија на жестоки навреди, клевети и закани кон многу познати јавни личности, што го отежнува неговиот случај, бидејќи секој пристоен обвинител може јасно да ја аргументира неговата намера да омаловажи и да застраши. А не вордингот, туку намерата е суштината на инкриминациите за кои утре Неделковски би можел да биде обвинет и евентуално осуден.
Дополнителен проблем за него е што Миленко Неделковски е еднаш осудено лице, како и човек кој долги години беше толериран и поттикнуван да навредува, да клевети, да се заканува, да шири говор на омраза. Тоа е суштинската разлика меѓу него и мене, или меѓу нив (баграта) и нас (критичарите на власта) – моето и нашите персонални досиеја се чисти како солза, нивните не се. Во конкретниов случај што го спомнува Миленко, не постои полицаец, обвинител или судија кој може дури и да се посомнева, а камоли да докаже дека постои намера од моја страна да му се заканувам или да го омаловажувам лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За крај, ако има нешто човечко во ова суштество што се огласува како опозициски новинар, го советувам да ми се извини за навредите со кои своевремено што го вознемири мојот покоен татко и за кривичното дело неовластено снимање според член 152 став 1, извршено кон член на моето семејство, дело што уредно го пријавив во полиција, а полицијата под водство на министерот Оливер Спасовски уште „поуредно“ го забошоти. Вмешувањето на моите најблиски во нашите полемики зборува за неговата човечка нискост и за гротексноста на неговиот очајнички обид да глуми фраер у маало.