Кој ќе биде универзален снабдувач со струја ќе се знае на крајот од месецов

Процесот, за избор на универзален снабдувач, според предвидувањата на Регулаторната комисија за енергетика треба да заврши до крајот на јануари.

568

Од годинава и малите компании и граѓаните ќе купуваат струја на слободниот пазар.Либерализацијата на пазарот на електрична енергија во земјава е завршена по неколкугодишно одложување. Сепак, се доцни со изборот на универзален снабдувач кој треба да обезбеди струја за граѓаните кои нема да успеат да потпишат договор со еден од снабдувачите на електрична енергија во земјава. Тоа нема да значи и дека граѓаните ќе останат без електрична енергија. До изборот на универзален снабдувач оваа обврска останува на ЕВН.

Постапката за избор на универзален снабдуваќ требаше да заврши во декември лани, но процесот се уште не е завршен. На тендерот за универзален санбдувач се јавија ЕВН која и до сега ги снабдуваше граѓаните со струја и македонскиот производител на електрична енергија ЕЛЕМ преку својата фирма ќерка ЕЛЕМ трејд.

Еден од условите за тоа кој ќе биде универзален снабдувач е висината на маржата. ЕВН Снабдување понуди почетна маржа од 14,4 отсто, додека ЕЛЕМ Трејд 14,9 отсто бруто маржа. Се очекува оваа цена во текот на аукцијата која допрва треба да се реализира да се намалува. Процесот, според предвидувањата на Регулаторната комисија за енергетика треба да заврши до крајот на јануари.

Од оваа комисија очекуваат цената на универзалниот снабдувач која треба тие да ја утврдат на годишно ниво, нема да претрпи суштински измени, односно нема да биде повисока од сегашната.

Во земјава има над 500.000 домаќинства кои треба да се определат дали ќе се снабдуваат со струја на слободниот пазар или ќе остават да ги снабдува универзален снабдувач.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...