Кој го отепа СЈО?

Пет години подоцна СЈО е фатено во мрежата и сега останува да видиме дали ќе има пазар со ВМРО-ДПМНЕ да се одвлечка во тоа фамозно балканско глуво ништавило.

6803

Ја поразивме Америка и Европа и сите оние дома кои сакаа правда во Република Северна Македонија. СЈО е мртво. Кој го уби СЈО? Ориентот, онаа состојба на духот која се што ќе допре мрси и кочи, прави двосмислено, повеќесмислено, па и бесмислено, која им ја вади душата и ги умртвува и луѓето и идеите, додека, така неподвижни, не ги одвлечка во некое глуво ништавило. Духот на Ориентот во нас ги победи јасните демократски принципи на Западот. Отпорот кон тие принципи на правната држава не е од вчера. Во случајот на СЈО тој отпор трае од неговото основање кога, наместо по објавувањето на „бомбите“, да наведнат глава и да се извинат за узурпација на доверената им власт, владата на ВМРО-ДПМНЕ го нападна непријателот кај него дома. Дрскоста отиде дотаму што, се сеќавам, партиски емисари продреа во американскиот Конгрес во обид да покренат постапка за отповикување на нивниот амбасадор во Скопје Џес Бејли. Имено, со пресудна поддршка на западните амбасадори, беше срушена претходната власт , која и по поразот не мислеше да седи со скрстени раце. Но, тогашните политичари  мислеа дека ангажманот на амбасадорите е нешто лично, како кај нас, па нашите домашни игри на персонална дискредитација лесно ќе минат и на Западот. Малку знаеја дека државата која ја управуваа стана безбедносно прашање за Европа и за Америка, нејзината корупција и нетранспарентност станаа вид заразна болест во меѓународното општество на држави, за која мораше да се најде лек. Лекот беше да замине партијата и нејзиниот водач кои, заробувајќи ја државата, го потчинија народот на својата волја. Инструментот беше, ново, храбро Специјално јавно обвинителство кое не е фатено во мрежата на власта. Пет години подоцна СЈО е фатено во мрежата и сега останува да видиме дали ќе има пазар со ВМРО-ДПМНЕ да се одвлечка во тоа фамозно балканско глуво ништавило.

Но, главата горе. СЈО е сјајно, незаменливо, искуство – од неговото формирање, преку обвиненијата до неговиот страшен пад. Ова искуство ни ја кажува вистината за нас, огледало во кое можеме убаво да се видиме како поединци и како општество. Вистината, велат, ослободува. И ништо повеќе да не направи СЈО, никогаш веќе нема да можеме да речеме дека не сме знаеле. Сега сите, со гадење и одвратност, знаеме сё за македонската политика и луѓето кои се качуваат на врвот, и тоа од устите на храбрите обвинителки. Ги знаеме политичарите кои се огрешиле од правдата по име и презиме. И разбираме зошто истражувањата на јавното мислење со децении на ред зборуваат за недовербата на граѓаните кон политичарите. Знаеме и дека Роберт Дал, истакнатиот истражувач на демократиите, бил во право кога напишал дека политичкиот систем на една држава битно не се менува во еден човечки век. Приказната за СЈО е приказната за нас, приказна за еден народ кој посега по правната држава ама нема сила да ја допре. СЈО е слика на нашиот сјаен подем и нашиот страшен пад.

Учествував со ум и со срце во тој, како што напишав тогаш, „јуриш на небо“. Учествував со пишан збор не заради вербата во некаква дефинитивна победа на правната држава во Македонија, оти ниту книгите ниту нашата пракса не дозволуваа таков оптимизам, туку затоа што преку такви јуриши, па и порази, ги поставуваме нејзините темели, а во процесот стануваме подобри луѓе и подобро општество. Низ такви подеми и падови, имено, расте свеста на граѓаните за вредноста на правната држава и за маката да се освои човековата слобода и достоинство.

Сё било да се сруши ВМРО-ДПМНЕ? Па се разбира. Првиот чекор беше од политиката да заминат оние кои ја го заловија апаратот на државата и ја узурпираа власта на народот. Оние кои ја ставија полицијата во служба на партијата прислушувајќи преку 20,000 граѓани. Оние кои велеа дека партијата ќе остане на власт сто години. Запрепастени од димензиите на аферата, странските дипломати се надеваа дека македонското општество ќе се исправи во протест против своите политичари и бргу ќе расчисти со нив. Ги чекаше изненадувањето на нивниот живот: рамнодушност на македонското општество. Страшна, глува рамнодушност. Судот чии судии се спомнуваа во снимките молчеше. Факултетите кои ги образуваат судиите молчеа. Молчеше и тогашното обвинителство. Каква е тоа реакција, се прашуваа нашите странски пријатели. Типично наша: ништо да не се прави, ништо да не се превзема е старата тактика на виновниците кои фатени на дело, опструираат додека не истече и последната капка желба за промена кај оние кои ги навредува неправдата и корупцијата. До смрт ако треба. Се да се замрси, да се заплетка, да се разлече, да се дотепа, да не мрда веќе, да не е живо, тоа е тактиката и стратегијата на сите узурпатори на власта кои ги знаеме не само од политиката туку и од нашите секојдневни животи. Тоа е таа наша ориентална култура. Целиот мој живот сум сведок на успесите на таквите узурпатори на доверената им моќ, на кои никој ништо не им може, од универзитетот до највисоките врвови на власта.

Америка стоела зад формирањето на СЈО, рече некој како да ја открил Америка. Па, фала Богу. И благодарност до Америка. Кога домашните узурпатори ги произведоа кумановските настани во кои загинаа осуммина наши млади полицајци, само моќта на Америка и на Западот можеше да им застане на пат на гангстери кои беа спремни да произведат етничка војна само за да си ја спасат кожата. „Ама, не сме ние и ништо не знаеме… “, се слуша подмолен лелек, кој ќе трае додека не се исцеди и последната капка желба за вистина и правда кај нивните опоненти.  Додека, во очај, тие не ги фрлат рацете кон небото, колнејќи го денот кога застанале во одбрана на вистината и на правдата. Никој ништо не му може на тој грозен менталитет од кој треба да се срамиме пред нашите деца и внуци. Кога се обидоа да ја надминат блокадата на политичкиот и на правниот систем со состаноците во Пржино и со формирањето на Специјално јавно обвинителство, западните дипломати работеа во полза на граѓаните на нашата земја, зашто, такви какви што сме, ние бевме немоќни пред силата на нашите узурпатори. Навистина, каде е сега документот на Прибе, високиот службеник на германската администрација, кој ги набележа слабостите на нашиот правен и политички систем?   И сега некој се дрзнува да праша во кој момент САД и ЕУ се откажаа од СЈО. „Моментот“ е долг каков што само може да се сретне на Балканот:  трае со години и покажува дека партијата побргу ќе ја уништи државата и народот во него одошто да дозволат нивни поранешни раководители да одговараат за злоупотреби на власта. Како асистент, со чудење читав за политичките системи на младите африкански држави кои едноставно не можеа да функционираат без амнестии на насилствата и корупцијата. Дали е тоа нашата состојба денес? Зарем секојдневно не сме ставени пред изборот или да се дозволи амнестија на насилството и корупција или тотален крах на политичкиот и правниот систем на Република Северна Македонија. Оти, нашите партии не се шегуваат: побргу ќе ја отепаат државата и народот во неа, одошто да преземат вина. Соочени со овој избор, САД и ЕУ можат, барем за некое време, да тргнат раце од обидот да трансплантираат демократски институции во нашето ориентално политичко тело кое едноставно ги отфрла. Оти, „нивно“  било СЈО, а не „наше“. Да се засрамиме.

(Извор: Инбокс7)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...