Коѕијас: Потребна е активна политика и иницијативи од Грција по ветото од Макрон

Јас верувам дека Грција треба да преземе иницијативи. Грција треба да одржи средби со други држави кои се со истиот став за стабилност на Балканот. Треба да ја поддржи италијанската иницијатива, рече Коѕијас.

55

Грција треба да преземе иницијативи и да се сретне, да разговара, да се координира со земјите кои што го делат истиот став за стабилноста на Балканот во однос на европската перспектива на Северна Македонија, рече претседателот на движењето „Прато“ и поранешен министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, за време на конференцијата „За прогресивна надворешна политика“, организирана од Институтот за алтернативни политики „ЕНА“, jави дописничката на МИА од Атина.

За аспектите на грчката надворешна политика, за позициите на актуелната влада, но и за последните случувања по француското вето за европската перспектива на Северна Македонија и Албанија, на конференцијата заедно со Никос Коѕијас дискутираа и поранешниот вицепремиер и министер за економија во владата на СИРИЗА, а сега пратеник, Јанис Драгасакис и професорката по компаративна политика Марилена Копа.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија упати критики до актуелната влада за политиката што ја следи, рече дека „гледа кон внатрешноста, како што во голема мерка гледаше и Макрон“ и објасни дека надворешна политика не се води гледајќи кон внатрешноста на земјата. Порача дека се потребни иницијативи и активности.

– Јас верувам дека Грција треба да преземе иницијативи. Грција треба да одржи средби со други држави кои се со истиот став за стабилност на Балканот. Треба да ја поддржи италијанската иницијатива, рече Коѕијас и истакна дека и тој лично заедно со неговите пријатели министри за надворешни работи и поранешни министри ќе преземат иницијативи за европската перспектива на Северна Македонија.

Говорејќи за последниот Самит на ЕУ, Коѕијас објасни дека Унијата не донесе одлука против интеграција, беше за, но на крајот одлуката беше блокирана од Французите и истакна дека е потребна активна надворешна политика со цели и конкретни мерки.

-Кога одиш на самит на ЕУ не одиш да ги следиш и да ги регистрираш ставовите на другите, туку знаеш да кажеш мислења и се грижиш да преземеш такви мерки за да се зголеми веројатноста да помине твојот став или ако не помине, да има цена за оној поради кој не поминува, рече Коѕијас, пренесе МИА.

Објасни дека она што требало да се направи пред состанокот е сојузништво на земјите што ја поддржуваат интеграцијата на Северна Македонија, односно земјите од Вишеград, од Балканот и од балтичките земји, како што рече, да се формираше цврст фронт на 15 земји кои ќе настапеа со ставот дека „ако Франција стави вето, ќе наиде на вето од овие земји“.

– Ако Макрон ја изразува неговата лутина кон Германците, бидејќи не направија продлабочување на европското обединување, ако ја изразува неговата лутина кон Европскиот парламент, бидејќи министерката за одбрана на Германија ја избра за претседател на комисијата, а неговата министерка одби да ја избере за член на комисијата, ако е лут, и со право, што Американците не го известија дека ќе се повлечат од Сирија, ако ги видиме неговите внатрешни случаи и стравот од Ле Пен итн, aко ги видиме сите овие работи, зошто да не стави вето? Јас ги прашав луѓето што ги знам во Франција, како реагира општеството на ветото на Макрон и ми велат одушевени се, задоволни се, истакна Коѕијас анализирајќи ја позицијата на францускиот претседател во однос на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија.

Коѕијас изрази мислење дека само ако се смени ситуацијата благодарение на италијанската иницијатива, Северна Македонија може да има доверба во Европската Унија.

Во однос на Договорот од Преспа, за време на конференцијата, поранешниот шеф на грчката дипломатија анализираше дека сега, Грција и Северна Македонија, освен спроведувањето, може да следат неколку насоки.

-Едната е да се обидат да го поништат договорот. Ви велам од сега, дека тоа не е лесно. Северна Македонија некаде во февруари, почеток на март ќе влезе во НАТО. Под кое име ќе влезе? Под Северна Македонија. Република Македонија веќе не постои, рече Коѕијас објаснувајќи дека земја под името „Република Македонија“ не постои ниту во Обединетите нации и истакна дека во меѓународното право не се толку едноставни работите.

Втората насока, според Коѕијас, за која рече стравува дека е дека може да ја следи дел од владата во Грција и опозицијата кај нас е „парализирање, односно да не се прави ништо“.

-Нешто што го прави сегашната влада. И што прави сегашната влада? Не е активна за спроведување на Договорот од Преспа, обвинува за последниците од неактивноста и резултатите од договорот, но не како производ на нејзиното поткопување на договорот, туку како производ на слабоста на договорот, истакна Коѕијас.

Поранешниот вицепремиер и министер за економија во владата на СИРИЗА, а сега пратеник од опозициската партија, Јанис Драгасакис, упати критики до надворешната политиката што ја води актуелната грчка влада, рече дека „наместо да е протагонист, пасивно ги следи случувањата“, истакна дека исходот од последниот Самит на ЕУ, има негативни не само за Северна Македонија, туку и за сите.

Со сличен став е и професорката по компаративна политика Марилена Копа, која рече дека одлуката на Европскиот совет „ја поткопува на најлош начин стабилноста на Балканот“, а за целото прашање Грција остана рамнодушна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...