Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за грчкото радио „Њуз 247” реагираше на вчерашната изјава на Јоргос Кумуцакос и побара од одговорниот за надворешна политика во Нова демократија или да ја повлече изјавата или да докаже на суд дека „Каменос и Коѕијас меѓусебно се уценуваат”, јави дописничката на МИА од Атина.
Поранешниот министер за надворешни работи на Грција смета дека ваквите изјави не се политички коментар туку јавна навреда.
– Го повикувам господинот Кумуцакос да се извини и да ја повлече изјавата, бидејќи кога вели меѓусебно се уценуваат, се подразбира дека и јас уценувам. Ова или ќе го докаже, секако на суд, или ќе го повлече. Треба да бидеме јасни – рече Коѕијас, и објасни дека не може секој да кажува што ќе му текне и да клевети, додавајќи дека тој ќе ги одбрани неговата чест и достоинство, но и демократското функционирање на јавниот простор.
Како што вчера објави МИА, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, во однос на последните случувања меѓу двајцата поранешни министри во грчката Влада рече дека „господата Коѕијас и Каменос не само што меѓусебно се уценуваат, туку и се навредуваат и ѝ штетат на земјата”.