Во Брисел утре ќе се одржи нова рунда од дијалогот помеѓу Белград и Приштина, а портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, со посредство на шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, ќе продолжат да работат на сеопфатната нормализација на односите и постигнување на правно обврзувачки договор.
– Утре, на највисоко ниво, продолжува работата која е веќе интензивирана во претходните недели и месеци – порача Коцијанчиќ.
Во пресрет на новата рунда на дијалогот, како што објави Танјуг, во Брисел посочуваат дека продолжува интензивната работа од таканаречената „втора фаза”, но во ЕУ како посредник не сакаат да влезат во шпекулации за можните резултати од состанокот, ниту за деталите од можното решение.
– Втората фаза започна пред една година. Дијалогот во оваа фаза е интензивиран меѓу претседателите и така ќе продолжи – изјави Коцијанчиќ.
Меѓу претставниците на странските медиуми постои зголемен интерес за средбата меѓу Вучиќ и Тачи, информира Танјуг.
Повеќе странски медиуми, поради честите реакции во Европа на можните решенија за „косовското прашање”, очекуваат дека утрешниот состанок може да донесе конкретни резултати.
Од Европската комисија, сепак најавија дека тоа е само еден од серијата состаноци на кои ќе се разгледуваат обидите за постигнување на компромисно решение. Комесарот за проширување Јоханес Хан кажа дека „не очекува договор во петок и дека за постигнување на договор ќе требаат уште неколку месеци “.
– Би било корисно ако тоа би можело да се заврши, да речеме, до летото следната година, како би можеле да тргнеме со нови чекори – рече Хан деновиве.
Дипломатски извори на Танјуг во Брисел посочија дека „сите страни” во дијалогот проценуваат дека договорот може да се постигне и на почетокот на следната година или во наредните шест месеци.
Во ЕУ пред овој круг на дијалогот, порачуваат дека Белград и Приштина треба да разгледаат „различни идеи” и да видат „што е можно, а што не е” како основа за можниот компромис, на кој би се засновал правно обврзувачкиот договор за сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Еврокомесарката Федерика Могерини деновиве изјави дека „постои реална шанса Вучиќ и Тачи да постигнат договор со кој ќе се решат сите отворени прашања меѓу Белград и Приштина”.
– Треба да сториме сé што можеме, заедно со нашите партнери во Европа, регионот и во меѓународната заедница, особено во Советот за безбедност на ОН, со цел да ги поддржиме овие преговори преку дијалог и во рамките на меѓународната заедница – заклучи Могерини.