Косовско МНР: Дачиќ е страшливец и лажго кој се плаши од вистината

136
ФОТО: EPA/ANDREJ CUKIC
ФОТО: EPA/ANDREJ CUKIC

Косовското Министерство за надворешни работи ги отфрли како чиста лажна пропаганда тврдењата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека неговиот косовски колега Беџет Пацоли, на неформалната средба на европските министри за надворешни работи во Букурешт, му се заканил со атентат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Советникот на Пацоли, Фатмир Хаџоли, во изјава за порталот „Перископи“ го нарече Дачиќ „страшливец“ и го потсети на политчките убиства кои се случиле во Србија.

– Токму Србите чиј менталитет го претставува Дачиќ се тие кои го убија својот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, посебно поради фактот дека, во недостаток на храброст да се соочат со историската вистина – независноста на Република Косово, политичарите страшливци каков што е Дачиќ, не можат да видат друг излез од ситуацијата освен убиствата. Не заборавајте дека се бројни и српските медиуми кои веќе го имаат вперено прстот кон официјален Белград за убиството на Оливер Ивановиќ – изјави Хаџоли.

Тој потсетува и на соработката на Дачиќ со поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ и на убиството на политичарот Иван Стамболиќ од тоа време.

– Што да се рече за една фигура облечена во дипломатско руво, освен дека минатото на неговата земја е преполно со злосторства врз другите, како и со убиства и самоубиства меѓу самите нив. Дачиќ нека ги смири радикалните толпи во Србија, доколку се уште може да ги држи под контрола, бидејќи, немајќи кого да напаѓаат, лесно можат да се свртат против политичарите кои се страшливци и лажговци. Дачиќ, како соработник на Милошевиќ, сигурно се сеќава и на убиството на Иван Стамболиќ – изјави Хаџоли.

Српскиот таблоид „Курир“ објави дека, на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и земјите од Балканот во Романија, Пацоли на српски јазик му рекол на Дачиќ „ако се случи некој атентат, да знаеш дека тоа е дело на Албанците“.

– Отапев веќе на заканите, но ова е првпат некој од албанските политичари да го каже така директно. Ова покажува колку се нервозни затоа што им се урива тлото под нозете – изјави Дачиќ за „Курир“.

ФОТО: EPA/ANDREJ CUKIC

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...