Косовски пратеници ја обвинија полицијата за дискриминација на Египќаните и Ашкалите

Пратениците тврдат дека косовската полиција и Министерството за внатрешни работи ги изоставуваат припадниците на египќанската и ашкалската етничка заедница од процесот на вработување.

85

Пратениците на Либералната египќанска партија (ПЛЕ) и на Демократската партија на косовските Ашкали (ПДАК) во косовското Собрание се заканија дека ќе ја напуштат владејачката коалиција поради дискриминацијата на припадниците на нивните заедници во огласите за вработување во полицијата на Косово, јави РТК.

Пратениците тврдат дека косовската полиција и Министерството за внатрешни работи ги изоставуваат припадниците на египќанската и ашкалската етничка заедница од процесот на вработување, бидејќи во пријавите за работа не им е понудена опција да се изјаснат за својата национална припадност.

Пратениците на косовската полиција и дадоа рок од 24 часа за да ја исправи грешката.

Косовската полиција соопшти дека е посветена на еднаквоста на сите заедници и оти спорната пријава има „техничка грешка“.

– Ве уверуваме дека веднаш ќе бидат преземени мерки за да се исправи оваа техничка грешка, се наведува во соопштението од полицијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...