Косовските заштитни мерки пред министрите од регионот

Земјите од регионот го осудија ваквиот потег и побараа повлекување на одлуката, образложувајќи дека е спротивна на ЦЕФТА Договорот и дека се коси со правилата за слободна трговија. Преиспитување побара и Европската комисија.

57

Заеднички став за одлуката со која Косово ги зголеми царините на овошјето и зеленчукот, се очекува од денешната средба во Белград чиј иницијатор и домаќин е српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. На средбата, покрај македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, ќе учествуваат и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ, како и министерот за трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ.

Косово ја воведе т.н. времена мерка на 18 јули годинава. Мерката предвидува 30 проценти повисоки царини за увезеното овошје и зеленчук, а ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат на косовскиот пазар.

Земјите од регионот го осудија ваквиот потег и побараа повлекување на одлуката, образложувајќи дека е спротивна на ЦЕФТА Договорот и дека се коси со правилата за слободна трговија. Преиспитување побара и Европската комисија.

Ресорните министри од македонска страна веднаш по воведувањето на косовската мерка рекоа дека очекуваат нејзино најскоро укинување. Ако тоа не се случи, најавија можни контра-мерки за заштита на домашното производств.

Вчера на прес-конференција министерот Николовски повторно изрази уверување дека одлуката ќе биде повлечена, откако соопшти дека е во тек седница на Владата на Косово на која одлуката треба да се преиспита.

Според Николовски, освен што е спротивна на ЦЕФТА Договорот, одлуката на Косово е паушално донесена, без аргументи за зголемен увоз, а е и правно и формално нејасна.

Во меѓувреме, се бројат штетите од речиси стопираниот извоз кој, според стопанствениците, е нула во споредба со извозот пред воведувањето на одлуката кога бил преку 100 тони дневно. Стопанските комори бараат повлекување на косовската мерка. Сметаат дека за само неколку дена, откако е воведена, предизвика најмалку три милиони евра загуба. Тие не се за воведување контра-мерки зашто тоа, ценат, ќе предизвика штети врз целата економија.

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари – јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема. Според Министерството за земјоделство, од одлуката на Косово најпогоден ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Министерот Николовски рече дека ќе бидат разгледани сите опции за надомест на предизвиканите штети од косовската мерка, како и дека соодветно ќе се интервенира, зависно од тоа што ќе се утврди на терен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...