Членовите на Адвокатската комора на Косово (ОАК) од денеска стапија во генерален бојкот на судовите, обвинителствата и полицијата, со барање Судскиот совет на Косово (КЃК) да ја повлече препораката за ограничување на присуството на адвокатите и странките во судовите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Управниот одбор на ОАК на 5 овој месец едногласно оцени дека препораката на КЃК од 27 декември 2018, со која се ограничува присуството на адвокатите и странките во судовите без покана или дозвола од претседателот на соодветниот суд, претставува кршење на основниот принцип за пристап до правда.
Управниот одбор побара до 8 јануари КЃК да ја повлече препораката, а со оглед дека тоа не се случи во зададениот рок, адвокатите денеска стапија во генерален бојкот што ќе трае до исполнувањето на нивното барање, порачувајќи дека тој нема да има правни последици по адвокатите или странките.