Косовскиот министер за иновации поднесе оставка, по обвинението за корупција

Весели, кој во неделата беше реизбран на чело на ПДК, рече дека партијата која тој ја води нема да предложи, ниту пак ќе поддржи кандидати од другите политички субјекти, за кои се подигнати обвиненија.

83

Министерот за иновации и претприемништво на Косово, Бесим Беќај денеска на прес-конференција објави дека утрово му ја доставил својата оставка на премиерот Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Оставката на Беќај уследи по вчерашната одлука на претседателот на неговата партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели за разрешување од функциите на сите лица именувани од ПДК кон кои се подигнати обвиненија како осомничени за злоупотреби на службената должност, коупција или непотизам.

Беќај пред новинарите изјави дека е уверен оти пред судските органи ќе докаже дека обвиненијата против него се неосновани.

– Во мојот случај убеден сум дека обвиненијата не се засновани врз факти и дека правдата ќе ја докаже мојата невиност. Делото за кое сум обвинет нема врска со корупција. За детали ќе говориме на суд – изјави Беќај, кој ги повика медиумите да го следат судењето.

Лидерот на ПДК и претседател на косовското Собрание, Весели вчера, без да споменува имиња, објави дека ги ослободува од должност сите политички именувани лица од неговата партија кои се обвинети или се доведуваат во врска со разни злоупотреби на функциите.

Весели, кој во неделата беше реизбран на чело на ПДК, рече дека партијата која тој ја води нема да предложи, ниту пак ќе поддржи кандидати од другите политички субјекти, за кои се подигнати обвиненија.

Според приштинските медиуми, освен Беќај, од функциите се повлекуваат и заменик-министерот во Министерството за безбедносните сили на Косово (ФСК), Агим Чеку и советникот на Весели, Нијази Криезиу.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...