Косово: Уапсени осум лица за нападот врз српските верници во Исток

223

Косовската полиција попладнево објави дека уапсила осум лица во врска со нападот врз српските верници, што се случи во неделата во селото Студеница во близина на Исток, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на Управата на косовската полиција за регионот на Пеќ, се вели дека група од 170 верници од Србија добиле дозвола од косовското МВР за дводневен престој во Косово за да ги посетат Манастирот во Дечане, Пеќката патријаршија и селото Студеница.

Со цел непречено одвивање на оваа посета полицијата вели дека испланирала мерки за постојана полициска придружба при патувањето и за време на престојот на споменатите локации.

Целата посета, од почетокот до селото Студеница поминала без инциденти, а кај ова село група од 50-60 жители, во знак на протест, биле собрани со цел да го блокираат патот, соопшти полицијата, додавајќи дека со успешна интервенција ги оддалечила демонстрантите за да им овозможи слободно движење на припадниците на српската група.

– При заминување на автобусите, додека полицајците го одржуваа патот отворен, дотогаш непознати лица почнале да фрлаат камења во нивен правец, при што било оштетено стакло од едниот автобус и распукале неколку стакла од другиот. Во придружба на полицијата, посетителите се оддалечиле безбедно и без физички повреди во правец на градот Исток и по преземање на предвидените законски процедури продолжено е со агендата во правец на Митровица, се вели во полициското соопштение.

Во врска со случајот, во консултација со државниот обвинител покренат е случај за „нарушување на јавниот ред и мир“, како и „уништување или оштетување на движен имот“.

По покренатата истрага, се вели натаму во извештајот, полицијата на 22 октомври привела во полициската станица во Исток 11 лица, од кои пет се уапсени за нарушување на јавниот ред и мир. По сослушувањето, во консултација со обвинителот, истите се пуштени во редовна процедура.

Исто така, во врска со оштетувањето на стаклата на автобусите, идентификувани се три малолетни лица, кои се уапсени и откако се сослушани согласно процедурите, по наредба на државниот обвинител се пуштени во редовна процедура.

Полицијата соопшти и дека покренала внатрешна дисциплинска истрага за да се оцени акцијата при спроведувањето на задачите.

Со осуда на инцидентот кај Исток се јавија повеќе косовски институции, меѓу кои и премиерот Рамуш Харадинај и шефот на дипломатијата Беџет Пацоли, а денеска се огласи и Амбасадата на САД во Приштина

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...