Според официјалните податоци на косовското Министерство за здравство, околу 95 отсто од децата во оваа земја се вакцинирани, со што Косово влегува во редот од државите со највисок степен на имунизација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателката на собраниската Комисија за здравство, Беса Бафтиу вели дека благодарение на вака високиот процент на имунизација во последните години не е забележан ниту еден случај на заболен од сипаници.
Бафтиу, која е неонатолог по професија, за Радио Косово изјави дека имунизацијата е една од светлите точки на косовското здравство, но подвлекува дека и натаму останува проблем вакцинирањето на децата од заедницата Роми, Ашкалии и Египќани (РАЕ).
– Оние три до пет отсто невакцинирани припаѓаат на заедницата РАЕ. Затоа ни преостанува уште доста работа, тргнувајќи веројатно од одделот каде што јас работам како неонатолог, каде што има млади мајки кои имаат отпор кон вакцинирањето на бебињата, вели Бафтиу, додавајќи дека новороденчињата не примаат морбили, туку БЦЖ, односно вакцината против туберкулоза и хепатит Б.
Мухамед Арифи од организацијата „Балкан Сан Флауерс“ („Балкански сончогледи“) вели дека од 2017 година, кога едно лице починало од сипаници поради тоа што не било вакцинирано, оваа организација презема бројни активности, вклучително и одењето од врата на врата за вакцинирање на децата од заедницата РАЕ во Косово Поле.
– Градоначалникот, на наша иницијатива, потпиша одлука со која се наложува лицата кои примаат социјална помош да достават уверение од Центарот за семејно здравје дека детето им е вакцинирано, инаку нема да ја примат помошта. Ова помогна многу во општина Косово Поле, бидејќи вакцинирањето се зголеми на 93 отство – изјави Арифи.