Новиот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Приштина, Филип Коснет, денеска, по преземањето на должноста, изјави дека е подготвен за соработка со Владата предводена од Рамуш Харадинај – јави дописникот на МИА од Приштина.
По средбата попладнево со Харадинај, Коснет пред новинарите изјави дека „не може да се најдат други две земји како САД и Косово кои имаат толку добра соработка“.
– Привилегија е што го гледам Харадинај по толку години. Не може да се најдат други две земји како САД и Косово кои имаат толку добра соработка. Се наоѓаме во историски момент, кога луѓето носат одлуки и нивните одлуки ќе се помнат долго. Едвај чекам да соработувам со Владата на Косово – изјави новиот американски дипломатски претставник во Приштина.
Косовскиот премиер изјави дека му честитал на Коснет за новата должност и му ветил искрена соработка.
– Ја искористив можноста да му честитам за должноста што ја презеде за доброто на Косово, за доброто на Америка. Му ветив искрена соработка. Задоволствo е што сме заедно – изјави Харадинај.